Sunday, April 4, 2010

Христос воскресе !

По повод Христовото Воскресение, сакам нешто да ви пишам браќа и сестри. Најпрво да ви го честитам празникот со поздравот ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ!

Христос живееше и пострада за нас грешниците. Ни остави пример и поука од Самиот Себе како ние треба да живееме за да се спасиме. Да ги пазиме и исполнуваме неговите заповеди и да го следиме Него, Светлината на светот и Спасителот наш. Христос живееше и пострада за нас, за да и ние живееме и пострадаме за Христа. Он стана човек, за да ние станеме богови по благодат. Христос се даде Самиот Себе жртва за да не спаси нас грешниците, кои преку Адам и Ева паднавме во грев и се оддалечивме од Бога. Но, Бог не го остава своето создание, туку премудро промислува како да го избави, со што го праќа Својот Единороден Син да ги земе гревовите на светот. Од животот на нашиот Господ Исус Христос ние да се поучиме како треба да живееме за да добиеме вечно живеалиште, зашто Он рече: „Поучете се од Мене зашто Сум кроток и смирен и ќе најдете мир на душите ваши“. Така и ние секое страдање ради Христа да го примаме кротко и смирено, да трпиме секакви прогони ради Христа, да правиме секакви добри дела ради Христа. Затоа што Самиот Христос рече: „Блажени сте вие, кога ќе ве срамат и ќе ве прогонуваат и кога ќе говорат против вас секакви лоши зборови лажно заради Мене“.