Tuesday, February 2, 2010

Порака до тебе од непознат светогорски старец

Синко, можеби нема ни малку да обратиш внимание на овие мои зборови. Но, Бог знае дека само од сочувство и љубов кон тебе и грижејќи се за твое добро, ти зборувам и ти го изнесувам сето ова. Не ти барам ништо.

И Христос не ти бара ништо. На Бога ништо не Му е потребно. Единствено што сака е тебе да ти е добро. Тој сака и ти да се радуваш со Него, како и толку многу други што му се радуваат. Те љуби и те посакува во Своја близина, како што таткото го љуби своето чедо.

Меѓутоа, ти дава и право да Го отфрлиш, Него, својот Отец и Создател. Толку ја почитува твојата слобода, толку го цени твојот слободен избор! Не те сака во Своја близина присилно, ниту како некаков роб, туку како слободно чедо на Благодатта Негова. Те сака како Свој брат и пријател.

Ако Го прифатиш, Тој прв ќе дојде и ќе се радува со тебе. Ќе пребива во тебе и ќе ти го даде Својот спокој. Толку ќе бидеш спокоен, што ќе плачеш од радост и среќа каква што неможеш ни да замислиш. Ќе му благодариш и ќе Го прославуваш.

Ако пак, Го отфрлиш, ќе го прифати тоа со горчина и ќе си замине. Нема да ти нанесе ама баш никакво зло. Само ќе ја боледува твојата болка, твојата несреќа, твојот пустош, затоа што ќе бидеш далеку од Него. Трпеливо ќе чека пред вратата од домот на твојата душа, зашто, можеби, за среќа, ќе се покаеш и ќе те чека до крај, за повторно да те приведе при Себе.

Прими го, дете мое, како што ти реков и ако сакаш, заради радоста своја, задржи Го!

No comments:

Post a Comment