Sunday, April 4, 2010

Христос воскресе !

По повод Христовото Воскресение, сакам нешто да ви пишам браќа и сестри. Најпрво да ви го честитам празникот со поздравот ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ!

Христос живееше и пострада за нас грешниците. Ни остави пример и поука од Самиот Себе како ние треба да живееме за да се спасиме. Да ги пазиме и исполнуваме неговите заповеди и да го следиме Него, Светлината на светот и Спасителот наш. Христос живееше и пострада за нас, за да и ние живееме и пострадаме за Христа. Он стана човек, за да ние станеме богови по благодат. Христос се даде Самиот Себе жртва за да не спаси нас грешниците, кои преку Адам и Ева паднавме во грев и се оддалечивме од Бога. Но, Бог не го остава своето создание, туку премудро промислува како да го избави, со што го праќа Својот Единороден Син да ги земе гревовите на светот. Од животот на нашиот Господ Исус Христос ние да се поучиме како треба да живееме за да добиеме вечно живеалиште, зашто Он рече: „Поучете се од Мене зашто Сум кроток и смирен и ќе најдете мир на душите ваши“. Така и ние секое страдање ради Христа да го примаме кротко и смирено, да трпиме секакви прогони ради Христа, да правиме секакви добри дела ради Христа. Затоа што Самиот Христос рече: „Блажени сте вие, кога ќе ве срамат и ќе ве прогонуваат и кога ќе говорат против вас секакви лоши зборови лажно заради Мене“.

Браќа и сестри, овој живот е краток, а сите ние тука сме патници. Но какви патници? Не сме патници кои треба да одиме од едно место на друго место, не сме патници кои треба да собираме секакви материјални добра, не такви патници, таквите кои не мислат на Бога и си собираат материјални богатства тука на земјата Бог нема да ги прими во Царството Негово. Но, ние сме поинакви патници. Да се запрашаме зашто Бог го создаде човекот? Да се запрашаме зашто Бог ни го дал животот? Бог го создаде човекот за да му служи Нему, значи Бог ни го дава животот за да му послужиме Нему и на нашите ближни. Ако Бог бара од нас да му служиме и да го бараме Него, и ако за тоа ни ветил вечни живеалишта и богатства, зашто тогаш ние собираме тука богатства и зашто не го бараме Оној кој не создаде и кој не одржува во живот?

Значи кој е нашиот пат? Нашиот пат води кон Бога, води кон Неговото вечно Царство кое Ни го ветил, но тоа Царство ќе го зграбат само силните, само оние кои го бараат Бога, само оние кои живеат според Божјите заповеди, само оние кои веруваат во Господа Исуса Христа, само оние кои ќе се покајат и кои ќе ги исправат своите животи според заповедите Божји, само таквите ќе застанат од десната страна на Господа. Ете такви патници треба да бидеме ние, да итаме по Бога, да го бараме Бога, да бараме прошка од Него за нашите прегрешенија, да се каеме, да одиме во Црква, да веруваме, да се надеваме, да сакаме, да бидеме смирени и кротки. Ако вака чекориме со вера и надеж, Бог ќе се смилува на нас и ќе не спаси. Но, ако бараме тука на земјата правда, ако собираме тука на земјата богатства и се надеваме на нив, ако не се смириме, ако не одиме во Црква, ако во нашите мисли не е Бог, тогаш нашиот пат е залуден и води кон адот, води кон сигурна и вечна смрт.

Браќа и сестри, да се угледаме на Господ Исус Христос и да чекориме така полека, трпеливо, смирено, но сигурно. Господ Исус Христос ни е најубав пример како секој православен христијанин треба да живее за да наследи Царство Божјо. Па ако Христос мораше да пострада за да влезе во Царството на Својот Отец, зашто не и ние да пострадаме? Овој живот е привремен и поминува. Затоа браќа и сестри што побрзо да се покаеме и да тргнеме по стапките Христови, ако сакаме да се спасиме. Зашто нашата правда и нашите богатства не се од овој свет, туку Бог ги чува за другиот – вечниот живот.

Браќа и сестри се обидов да напишам еден мал текст од љубов према Христа и вас. Колку е добар незнам, но се надевам дека ви се допадна и дека барем малку ќе допре до вас. Ве молам да се молите за мене најгрешниот меѓу грешниците.

По молитвите на Пресвета Богородица и на сите светители, Господ Исус Христос да се смилува на нас грешниците и да не спаси. Амин.

1 comment:

  1. Христос Воскресна од мртвите, со смртта, смртта ја победи и на тие во гробовите живот им подари.

    Дојдете примете светлост од невечерната светлина и благословете го Христа кој Воскресна од мртвите.

    ReplyDelete