Tuesday, August 24, 2010

Солзите посилни од смртта

Во еден Нарчински затвор имало голема побуна помеѓу затворениците. Истите тие се поделиле на две групи и меѓу себе душмански се тепале. Јас како свештеник бев одреден да одам во тој затвор. Тој беше опколен со војници и кога влегов во дворот, им се обратив на затворениците. Поголем дел од нив ме опкружија и многу внимателно ја слушаа мојата проповед. По завршувањето на говорот забележав дека многумина од нив се покајаа.

Ја повикав и другата група да ја слушаат Божјата проповед и ги молев да се помират меѓу себе. Водителот на групата, Сахалинец ми возврати со грозна псовка, заканувајќи се дека подобро е да си одам, бидејќи ќе ме претепа. Во тој миг паднав пред неговите нозе и со солзи го молев да го измени животот, велејќи му: „Ако овде сега е присутна твојата мајка верувам дека и таа би паднала на колена пред тебе и би те молела да се покаеш“. Во тој миг Сахалинец ме подигна и сите заедно отидовме на местото од каде ја започнав проповедта. Ми вети дека нема повеќе да биде водител на групи.

Вечерта отслужив сеноќно бдение. По завршувањето на богослужбата многумина од нив изразија желба да се исповедаат, тоа и го сторија, утредента пристапија кон Светата Причест.

Сабајле влегувајќи во Црквата, ми пристапи Сахалинец и ми се обрати со зборовите: „Баќушка, јас неможам да се причестам, бидејќи се срамам од затворениците“. Му се обратив со зборовите: „Брате мој, биди силен и богат духовно како што си телесно, сите ние сме грешници, послушај ме во овој час, радост Христова!“ Тој ми вети дека ќе ја исполни мојата желба и ми призна дека не се причестил многу одамна, а тоа било пред 35 години. И почна да се исповеда, кажувајќи дека поради разни убиства седум пати бега од затвор и за него не постоело ништо свето и богоугодно. И за време на тие бегања биле натопени со затвореничка маченичка крв. Убивал и млади и стари и бил цар на затворениците. Со свои раце задавил десетина затвореници. Во истоимениот затвор им пресудил на шест души сами да извршат самоубиство во точно одредено време.

Неговата исповед беше потресна, ме заболе душата слушајќи ги неговите зборови, неговата болка, тага и страдање. Неможев да се соземам себе си.

Ја отпочнав Светата Литургија, цело време се молев на Бога за овие страдални души. Се присетив на неизмерната Божја љубов кон нас грешните луѓе. На крај од Светата богослужба одржав проповед за сеопштата љубов Божја. И потоа почнав да ги причестувам затворениците. На ред дојде и Сахалинец. Тој ја отвори устата и кога му ја ставив лажичката, се затресе и очите му се исполнија со солзи. Погледна кон иконата на нашиот Спасител Господ Исус Христос и извика: „Христе мој, зарем ми опрости! О Боже мој ми прости мене таквиот разбојник и убиец, па јас сум целиот натопен со човечка крв. Па јас сто души заклав. Колку ли пати запустував Цркви и крадев се што имаше во нив. О, Милосрден Господе, јас ја силував својата мајка, својата сестра, децата и стоката. И кој може со мене да се спореди со гревовите. Зарем Ти ми прости!“ Продолжи плаќејќи да зборува: „Ох, колкава е твојата љубов кон мене Господе. Јас неможам да го поднесам тоа, јас во овој ден ќе умрам“.

При овие потресни зборови, мене рацете и нозете ми се потсекоја. Неможев повеќе да причестувам, ја приклонив главата на Светата Трпеза и со целото битие заплакав. Затворениците слушајќи го тоа почнаа и тие да плачат и да ридаат. Ми се стори како целиот храм да се затресе од темел. Неколкумина затвореници присутни на богослужбата паднаа во несвест.

Откако завршив со богослужението слушнав од двориштето некаква раздвиженост. Кога излегов од Црквата имаше што да видам. Оној Сахалинец паднат на колена пред другите затвореници, ги молеше да му простат. Слушнав како едни се кајат за сторените гревови, втори со дигнати раце кон небото благодареа за она што се случува. По неколку месеци добив писмо од Сахалинец во кое ми напиша дека штом ќе излезе од затвор ќе замине во Валаамскиот манастир за да постане монах.


Извор: од текстовите на Прота Мирко, парохиски свештеник од Тетово

No comments:

Post a Comment