Свештенослужителите (т.е. луѓето кои преку Светата Тајна Свештенство - ја добиле благодатта на Светиот Дух заради служење во Христовата Црква)- епископите (архиереите) и свештениците (ереи) нé осенуваат со крстен знак. Тоа осенување се нарекува благослов.
Кога свештеникот или епископот ќе нé благослови со раката, тогаш тој така ги спојува прстите, што тие ги претставуваат буквите ИС ХС, т.е. Исус Христос. Тоа значи дека преку свештеникот нé благословува Самиот наш Господ Исус Христос. И затоа благословот од свештенослужителот треба да го примаме со стравопочит.
Кога во црквата свештениците го осенуваат народот со крст или со Евангелие, со икона или со Чаша (Путир), тогаш сите се крстат и прават појасен поклон, а кога го осенуваат со свеќа, го благословуваат со рака или кадат, кога ги изговараат зборовите на општиот благослов „мир на сите” и други, тогаш треба да се направи појасен поклон без крстен знак; тогаш не треба да ги склопуваме своите раце како што тоа се прави при личниот благослов, а и не треба да ги принесуваме кон устата или градите.
За да се добие личен благослов од свештеникот или епископот, треба крстообразно да ги склопиме рацете: десната дланка преку левата свртени нагоре, изговарајќи ги зборовите: „Оче (или владико), благословете”. Добивајќи го благословот, ја целиваме раката која нé благословува,- ја целиваме како да е невидливата рака на Самиот Христос Спасител. Како што вели свети Јован Златоуст, „не благословува човекот, туку Самиот Бог преку Неговата рака и јазик “. Призивај го Божјиот благослов не само во важните работи и опасни потфати, туку и во сите обични работи во животот: за храната, за да ја јадеш за здравје; за секоја своја чесна работа и воопшто за секој твој добар почеток, за тој да биде успешен; кога одиш на пат, за да бидеш сигурен; за своите деца, за тие да раснат во вера и благочестивост; за својот имот, за тој да се умножи на твое и на доброто на твоите ближни.
Без Божји благослов ниедно дело не може да има успех. И затоа нашите благочестиви претци се труделе секоја работа да ја започнат по молитвата, примајќи го свештеничкиот благослов.
Subscribe to:
Post Comments (Atom)
No comments:
Post a Comment