Светиот великомаченик, победоносец и чудотворец Георгиј се родил, живеел и маченички пострадал при крајот на третиот (270 - + 303) и почетокот на четвртиот век. Тоа е она страшно време за христијаните кога на чело на Римската империја бил царот Диоклецијан (284 - 305).Царот во почетокот на своето владеење не ги прогонувал христијаните, сметајќи ги за безопасни, но откако се уверил во брзото ширење на христијанската религија, при крајот на своето владеење во 303 година, отпочнал силен прогон против христијаните. Уривал и палел храмови, затварал и убивал верници, свештеници, епископи . . . Во такво време не само што живеел св.вмч. Георгиј, туку и завземал високо место во Диоклецијановата војска.
Инаку, како и кај многу свети луѓе, така и кај св.внч. Георгиј не се знае точно неговиот роденден, а се претпоставува дека е роден во 270 год., а неговото место на раѓање, според едни е Кападокија, денешна Турција, според други, градот Бејрут, а според некои Лида Палестинска. Неговите родители биле богати, чесни и побожни. Неговиот татко маченички пострадал за верата што и придонело малиот Георгиј така силно да го засака Христа и сецело да Му се предаде, да Му служи и со својот живот маченички да ја потврди и исповеди својата вера и љубов кон Христа Господа. Неговата мајка била родена во Палестина, која, исто така, уште од неговото детство успеала да го воспита и насочи својот син во вистинската спасоносна вера и наука.
По смртта на својот сопруг, таа се вратила во своето родно место во Палестина, каде поседувала огромен имот. Таму малиот Георгиј ги посетувал светите места кај што се движел и поучувал ГИХ. Подоцна младиот Георгиј бил регрутиран во елитната војска на царот. И уште на 20 годишна возраст, тој постанува трибун во војската, чин кој соодветствува на денешен полковник, а тоа било високо место за неговата возраст. Набргу потоа царот го поставил на повисоко место, член во Советот на државата. Тоа било така се додека царот имал толерантен однос кон христијаните, но кога побарал од војската секој да принесе жртва пред мртвите идоли и кога сурово отпочнало прогонувањето на невините христијани од незнабошците, Георгиј прв се спротивставил на таквата наредба.
Бидејќи Георгиј го почувствувал времето кое настапувало за христијаните, почнал да се подготвува за тешките искушенија и измачувања. Најнапред го раздал своето богатство на сиромаси, а наследството од својата почината мајка во Палестина, го дарувал на бедни, болни, немоќни, а робовите ги отпуштил на слобода. Ослободен од сите земни обврски тој можел слободно и без страв да застане пред самиот цар, бранејќи ја вистинската вера во Христа Спасителот.
Кога царот Диоклецијан издал наредба за прогонување на христијаните, ги повикал управниците на источните провинции во Империјата и им дал посебни упатства како да постапуваат со христијаните, тогаш храбриот воин Георгиј смело му се спротивставил на царот и разбеснетиот цар наредил да го затворат во темница со што започнуваат маките на Георгиј.
Дел од мачењата на Св.вмч. Георгиј
Прво мачење:
Георгиј го положиле со грб на под, нозете му ги ставиле во клади, а на градите му положиле огромен камен. Во таква положба Георгиј поминал цела ноќ, мажествено поднесувајќи ги страданијата и фалејќи Го Бога.
Наредниот ден, Диоклецијан го повикал кај себе и го запрашал:
-Дали се покаја, Георгиј?
Маченикот едвај можел да говори, но смирено и достоинствено одговорил:
-Царе, зар мислиш дека сум паднат во немоќ од твоите измачувања и не ќе можам да ти одговорам и ќе се откажам од својата вера? Побргу ти ќе се измориш измачувајќи ме, отколку јас, кој ги трпам страданијата!
Второ мачење:
Маченикот Георгиј бил фрлен во длабока јама со негасена вар. Одејќи кон јамата, светителот се молел. Потоа се прекрстил и слободно влегол во неа. По три дни, императорот наредил да му се извадат коските и да се расфрлаат, бидејќи мислел дека тие се изгорени од варта. Војниците многу се изненадиле кога го виделе маченикот жив и здрав. Сите кои го виделе тоа, биле избезумени од чудото кое се случило и го славеле Бога и Неговата семоќ заедно со маченикот.
Кога го дознал тоа, императорот повторно го повикал Георгиј при себе и го прашал со какви магијски дејства си го запазил животот. Георгиј одговорил:
-Царе, јас се надевав дека по сето ова што се случи, ти веќе не ќе се осмелиш да Го хулиш семоќниот Бог, за Кого се е можно и Кој на чудесен начин ги спасува оние кои се надеваат на Него. Но, ти си западнал во толкава заблуда и им припишуваш магијски дејства на Божјите чуда, кои Бог ги изврши пред твоите очи. Жалам за твојата заслепеност и ценам дека нема потреба повеќе да одговарам на твоите прашања, завршил страдалникот.
Следувале уште многу мачења: во вжештени железни чизми во кои внатре имало железни шајки ги ставиле нозете на светителот; го удирале по уста; го камшикувале со воловски бич; му давале да пие отров итн. Но, маченикот Георгиј, сето тоа трпеливо го поднесувал.
Бог со Својата сила го крепел и раните му ги исцелувал. Тој постојано ги убедувал безумните многубошци дека силата што ја има и трпението со кои ги совладува сите маки и страдањата не е некоја магијска моќ или човечка итрина, туку Господ го пази и му дава сили.
Она што најповеќе го измачувало самиот цар била блажената и светла состојба на Георгиевото лице, секогаш спокојно и весело. Вџашен од таквата состојба царот го запрашал:
-Кажи ни, до кога ќе не збунуваш со твоите дела и кое е учењето на твојот Христос, а ние спокојно ќе те ислушаме?
-Христос, одговорил маченикот, предвидувајќи ја вашата злоба, не научи да не се боиме од оние кои го убиваат телото, но не можат да ја погубат душата. На оние, кои ги исполнуваат Неговите заповеди, им дава голема благодат и им вети да им даде сила да вршат дела како што Он самиот прави.
-Какви се тие дела? - прашал императорот.
-Христос лечел болни, воскреснувал мртовци, на слепите им давал вид, а на глувите слух. . .
Св.вмч. Георгиј ја убива ламјата
Во христијанската иконографија, св.вмч. Георгиј, честопати се слика како војник, кој седи на бел коњ со долго копје в рака прободено во уста на страшната ламја. Еве како се случил овој настан:
Недалеку од местото каде бил погребан св.Георгиј, блиску до градот Бејрут, кај планината Ливан, излегувал од блиското езеро страшен змеј кој го пустошел сиот тој крај, а со своето смртоносно дишење го загадувал воздухот. Месното население не знаело како да се ослободи од бедата што ги нападнала. а бидејќи биле многубошци, побарале совет од нивните свештеници (жреци). Тие им кажале дека ќе мора секое семејство на ред да дава по едно од своите деца дневно, како храна за страшната ламја. Населението немало друг излез, се согласиле секој ден наутро да носат на брегот по едно дете како жртва на ламјата. Но, дошол редот и на единствената царска ќерка. Девојката била доведена на брегот при езерото и со страв и трепет ја чекала смртта. Но, ненадејно и се јавило младо момче на бел коњ со копје во рака. Тој бил св.вмч. Георгиј.
-Зашто плачеш? - ја запрашал тој девојката.
-Добро момче, оддалечи се поскоро од мене, за да не загинеш заедно со мене - одговорила таа.
Потоа му раскажала се за ламјата.
-Не плаши се, девојко - тој и одговорил. - Со името на вистинскиот Бог, јас ќе те спасам од чудовиштето.
-Не, добри војниче, не се жртвувај себе си, за да не загинеш. Јас сум веќе ветена за да умрам. Ти не ќе можеш да ме спасиш, а и самиот ќе загинеш.
Уште не го завршиле разговорот, одеднаш страшното чудовиште се покажало од езерото и право се упатило кон девојката. Таа извикала гласно: - Бегај !
Но храбриот и неустрашлив Христов воин, откако се прекрстил, се упатил кон чудовиштетот и го поразил со своето копје. Потоа и рекол на девојката да го симне својот појас, да ја врзе ламјата и да ја повлече кон градот. Таа така и направила. Ја водела ламјата како припитомено куче и в среде град, во присуство на многу народ ламјата ја убил. По ова чудо сите жители на градот и околијата на чело со самиот цар се покрстиле и ја примиле христијанската вера.
И самата царска ќерка отишла во црквата и се покрстила. Затоа и во позадината на иконата се слика храм Божји - тврдина во која оди млада девојка.
Ламјата го претставува многубожечкиот свет, кој настојувал да го угуши и уништи христијанството. Свети Георгиј, пак, го претставува христијанството, поточно Самиот Господ Исус Христос, кој го победил многубоштвото и светот го вовел во својата Црква, во која луѓето се спасуваат од злото во овој свет.
Младата девојка обично се слика во позадината на иконата со раширени раце, чекорејќи кон тврдината, тврдината е тука символ на Црквата Христова, во која верните наоѓаат засолниште и утеха во своите беди и неволји.
За победата над ламјата и за покажаната храброст за време на мачењата, свети Георгиј го добил епитетот „Победоносец“ и се почитува како покровител на војниците.
+
ReplyDelete