Во едно затскриено, убаво, балканско селце, пристигнал, на летна почивка, чуден туѓинец. Тој бил многу богат човек. Патувал сам, бил многу уморен и сакал, што поскоро, да најде место каде што ќе престојува, за да си отпочине. Имал намера, да ги усреќи оние, кои ќе му обезбедат тивко и пријатно засолниште. Бидејќи неговото богатство било непроценливо, тој, на гостољубивите домаќини сакал да им даде таков подарок, каков што тие дури и не сонувале.
Забележал една, однадвор убава куќичка со прекрасна местоположба и решил во неа да побара место за починка. Затропал на вратата. Но, веднаш штом му отвориле и го поканиле да влезе, тој неволно отстапил. Одвнатре, го облеал неподносливо замисиран воздух. Што забележал? – Домот на тие луѓе и свинската кочина биле под еден покрив. Без да каже за што дошол, патникот се извинил и излегол од дворот.
Во четвртата куѓа, бидејќи веќе бил преморен, решил што и да забележи да застане. Но таму, покрај нередот и нечистотијата, забележал и уште нешто. На скалите, имало дамки од стеници, а тој не поднесувал паразити. Покрај тоа, тие и го полазиле и тој побрзал да побегне и оттаму.
Го обиколил целото село, но никаде не нашол чисто катче, каде што ќе може спокојно да си отпочине. Се чудел, како тие луѓе, живеејќи во таков прекрасен крај, можеле толку многу да ги запостават своите домови – низ селото течела мала река. По кривите стрмни улички на многу места жубореле мали поточиња. Сретсело и на други места во селото имало извори и чешми, од кои изобилно течела вода. На патникот, му било јасно дека нечистотијата на селските куќи, не се должи на недостиг од вода, туку само на негрижата на нивните домаќини.
На крајот од селото, веќе победен од уморот, се упатил кон една куќарка каде што се покажало дека живее добра домаќинка. Таму, наишол на голема гостољубивост, пријатни и насмеани лица. Уште веднаш, штом влегол во една од одаите, забележал дека внатре се е едноставно, но и чисто и убаво уредено. Во аглите немало пајажини, штиците на подот биле штотуку измиени, а воздухот во одајата проветрен. Се гледало, дека низ отворените прозорци, честопати се пуштаат пријатните мириси на блиските полјани и шуми да влезат во таа куќа.
Патникот, со олеснување воздивнал и останал во тој дом. Најпосле нашол тивко, пријатно катче каде што ќе отпочине. Тука го оставил својот голем подарок.
Драги читатели, сте се запрашале ли: ако дојде нашиот Спасител, Кој ни го носи најголемиот дар, Својата небесна благодат, со која ги усреќува и спасува нашите души, и ако побара засолниште за Себе во нашите души, ќе најде ли соодветно место? Св. Макариј Египетски вели: „Како што Бог ги создал небото и земјата за човекот да престојува на нив, така и телото и душата на човекот ги создал за Свое живеалиште...“ за ова Апостолот вели: „Негов дом, пак сме ние“ (Евр.3,6).
Исус Христос, Тој прекрасен небесен Гостин, честопати доаѓа кај нас и сака да влезе под покривот на нашата душа. Он се јавува помеѓу нас во недостижното таинство на Светата Причест (Евхаристија). Он тропа на секоја врата, жеднее да влезе во секој дом, сака да разговара со секое срце, сака да ја усреќи секоја душа што верува и да и го даде Својот небесен дар.
Но, како Го пресретнуваме? Дали Он, може, да престојува во секој од нас, онака како што би сакал?
Ете, еден пристапува кон Светата Причест и Го кани Господ во тајната одаја на своето срце: „Дојди, Господи Исусе и всели се во мене!“ – шепоти тој во причестните молитви. „Повели, влези под мојата стреа, во домот на мојата душа! Ќе ја отворам вратата на мојата недостојна уста! Всели се во мене!“.
Но, Исус Христос, отстапува со одвратност од таа гостопримливо отворена уста! Одвнатре излегува неподнослива духовна смрдеа! Таму мириса на блуд и злоба, на среброљубие и завист, на гордост и егоизам . . . И Небесниот Гостин отстапува. Он не може да влезе во таков дом каде што човекот и бесовите – тие духовни свињи – сожителствуваат под еден покрив.
Ете, друг, го убедуваат да пости и да се причести; го молат да Го прими во своето срце Исус Христос, Кој ја носи големата и сеспасителна Божја благодат, најголемиот дар што го добило човештвото!
Но, тој не сака да слушне за тоа. За него небесните светињи се непријатни, па, му пречат да живее, онака, како што тој сака. Зошто му е Причеста? Тој ги пушта кучињата да Го пресретнат небесниот Гостин и да не Му дозволат да се доближи до портите на неговата душа.
Трет, пак, постел, се молел и се подготвувал за Светата Причест, но не ги простил навредите што му ги нанеле ближните, не престанал со своите сплетки, не ја смирил својата душа. Во неа се е без ред. Гревовите како прав и саѓи го покриваат неговото надворешно благочестие. Ѓубре и пајажина ја загрозиле неговата вера. И тој, во таква состојба, си дозволува да Го покани небесниот Гостин во одајата на своето срце! Зарем не се плаши дека ќе Го нажали, наместо да Го зарадува со тоа свое бесмислено гостопримство?
Четвртиот, слуша дека се тропа на вратата на неговата совест, но тој, дотогаш не помислил да ја очисти. Таму, големи порочни дамки ги извалкале некогаш чистите прозорци на душата! Многу гревовни навики натрупале ѓубре по тајните катчиња на срцето! Беден човек! Паразитите на злото, злите духови, го нападнале и ги цицаат животните сокови на неговиот духовен живот. Ако тој ги отвори вратите и при таква нечиста покуќнина и безредие Го покани највисокиот небесен Гостин, зарем мисли дека ќе Му овозможи чист и радосен одмор?
Но, кој би можел за својот духовен дом да рече дека е доведен во беспрекорен ред и дека може да Го пречека небесниот Цар?
Сите ние, помалку или повеќе, сме недостојни, Искупителот од небесата да дојде кај нас. Ама ете, Он тропа на нашите порти (Откр.3,20). Он, Самиот, жеднее да влезе во нас, бидејќи ние сме создадени за Него и бидејќи без Него сме бескрајно несреќни. Он, доаѓа, на сите да им го донесе Својот небесен дар.
Има ли, пак, начин да се удостоиме за Него? – Со голема радост треба да речеме: Има! Тој начин е покајанието и исповедта! Со исповедта, кога е искрена, длабока, поврзана со одвратност од себеси и желба за започнување на нов живот, одајата на нашето срце се очистува од сиот гревовен смет. Со исповедта, се отвараат прозорците на душата, за преку нив, да влезе убавиот мирис и свежината на Божјата благодат. Со исповедта, повторно се доведуваат во ред сите измешани мисли и претстави, сите хаотични чувства и желби на срцето. Најпосле, со исповедта се украсува душата и таа станува достојна да Го прими најубавиот Гостин – Исус Христос.
Според мене, ова е едно од најубавите објаснувања зошто ни треба исповед :)
ReplyDelete